culture

„Нет без хејт“ е младинско движење создадено со цел да поттикне побезбеден, похуман и поинклузивен интернет
простор во кој не постои кибернасилство и говор на омраза. Движењето е дел од партнерството помеѓу Фондацијата
Телеком за Македонија и УНИЦЕФ со кое младите активно се вклучуваат во создавање позитивни промени во
дигиталниот свет. Програмата ја спроведува Сојузот на извидници на Македонија.

„Нет без хејт“ ги поставува младите како лидери, креатори и застапници коишто преку врсничка едукација и
конкретни активности влијаат врз своите заедници.

culture
culture

Движењето официјално започна со јавен повик за учество за адолесценти на возраст од 14 до 17 години. По процесот на селекција, млади од различни средини низ Македонија се приклучија на програмата и станаа првите членови и амбасадори на движењето.

На почетокот, активностите беа насочени кон градење на капацитетите на младите и нивно активно вклучување во креирање иницијативи против кибернасилството и онлајн омразата. Беа организирани обуки за ментори, коишто стекнаа знаења за детска заштита, дигитална безбедност, комуникација и менторска поддршка. Потоа следуваа ориентациски работилници на кои младите, преку интерактивни активности, тимска работа и дискусии, учеа за емпатија, онлајн безбедност, дигитален отпечаток и за влијанието на онлајн насилството врз менталното здравје.

culture
culture

Преку медијатон младите, заедно со ментори, дизајнери и комуникациски експерти, создаваа содржини за социјални мрежи. Како резултат на овој процес беа креирани кратки видеа и дигитални пораки за кампањата #НетБезХејт. Покрај креирањето содржини, младите стекнаа вештини за дигитално раскажување приказни, тимска работа и одговорна онлајн комуникација.

На Design Thinking работилници, младите работеа на развој и унапредување на сопствени иницијативи за локалните заедници. Меѓу идеите што произлегоа се: младинска подкаст серија за онлајн омразата, модули за комуникација помеѓу родители и деца, иницијатива за детски правобранител во училиштата, онлајн платформи за врсничка поддршка, и прирачник за превенција на кибернасилство и говор на омраза.

culture
culture

Движењето продолжува со фокус на пилотирање и проширување на младинските иницијативи во локалните заедници и училиштата. Планирано е активностите да се реализираат во најмалку 20 училишта и заедници низ државата. Ќе продолжи и креирањето дигитални кампањи и содржини од млади за млади, како и соработката со институции како Министерството за образование и наука, Министерството за дигитална трансформација, Бирото за развој на образованието и Народниот правобранител. Прирачникот за превенција на кибернасилство ќе започне да се применува во училиштата како алатка за наставници, психолози, социјални и младински работници.

Преку „Нет без хејт“, младите не само што учат како да се заштитат во дигиталниот простор, туку стануваат и носители на позитивни промени, создавајќи заедници засновани на почит, емпатија и безбедна комуникација.