Маја Милосавлевска Наумовска е Главен директор за техника и ИТ во Македонски Телеком, од 1 август 2022 година.
Маја е дипломиран инженер по компјутерски науки и информатичка технологија, докажан професионалец со 22-годишно искуство во телекомуникациската индустрија во областа на техника и ИТ.
Нејзината сеопфатна експертиза и искуство вклучува планирање и развој на мрежи, трансформација и интеграција на системи, ИТ и мрежни операции, имплементација на мобилни и фиксни радио пристапни мрежи, развој на решенија за дата центри и слично.
Во својата долгогодишна кариера, Маја била на различни менаџерски позиции во телекомуникацискиот сектор, во Оне.Вип Македонија и А1 Македонија, а на почетоците на својата кариера била дел и од тимот на Т-Mobile. Пред да ја преземе оваа функција Маја беше Технички директор на А1 Македонија, одговорна за оперативно и стратешко управување со областа за техника во компанијата.